
Хашим Тачи поднесе оставка од функцијата претседател на Косово, по потврдата на обвинението против него поднесено од Специјалниот суд. Тој претходно најави дека нема да се појави пред судот како претседател на Косово и додаде дека е убеден во чистотата на војната на ОВК и оти ќе се врати со бел образ од Хаг. Тој го повика народот да биде внимателен, а истовремено ги повика политичарите на зрелост за да не ја однесат земјата во нова криза.
„Во никој случај нема да дозволам претседателот на Косово да се појави пред суд. Затоа, со цел да се заштити интегритетот на Претседателството, интегритетот на државата и достоинството на граѓаните на Косово, народот на Косово и со почитување на партнерството со меѓународната заедница, денеска се повлекувам од позицијата претседател на Косово“, рече Тачи.
Обвинението беше потврдено и против претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, кој најави дека до крајот на судскиот процес се повлекува од сите политички и државни обврски.
„Се согласив да отпатувам утрово во Хаг со претставници на трибуналот, каде што формално ќе се појавам пред судот за да одговорам на нанесените обвиненија и да започнам долг процес на одбрана. Ова ќе бара моја целосна посветеност и концентрација и затоа решив да се повлечам од сите јавни и политички активности сè додека трае овој процес“, рече Весели.
А, по обвинението вчера полицајци на ЕУЛЕКС извршија претрес во куќата на поранешниот спикер на Парламентот, Јакуп Красниќи и го уапсија. Обвинение е поднесено и против шефот на пратеничката група на Движењето Самоопределување, поранешниот генерал на ОВК, Реџеп Селими.
Специјализираното обвинителство на 24 јуни објави дека на 24 април испратило обвинение од десет точки до Специјализираниот суд на Косово во кое се товарат претседателот Тачи, лидерот на ДПК, Кадри Весели и други лица за злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства, киднапирања, прогонства и тортура. Според Обвинителството, тие се кривично одговорни за приближно 100 нелегални убиства. Злосторствата презентирани во обвинението вклучуваат „стотици идентификувани жртви на косовски Албанци, Срби и Роми, како и на политички противници“.
Адријан Керими