
По најновите тензии, западните држави го засилуваат притисокот врз конфликтните страни. Заради смирување на ситуацијата, Германија и Франција побараа одржување нови избори во четири општини населени главно со косовски Срби, а американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен ги повика лидерите на Косово и Србија на итна деескалација. Во меѓувреме, во северно Косово повторно се одржуваат протести, како на етничките Срби, така и на етничките Албанци.
Францускиот претседател Макрон изјави дека тој и германскиот канцелар побарале од претседателите на Косово и на Србија новите избори да се спроведат што е можно поскоро, со придржување кон јасна обврска на Косово и јасно изборно учество од страна на српска страна, пренесува Дојче Веле.
Шолц и Макрон посредуваа меѓу претседателката на Косово, Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Молдавија.
„Сега е важно сите страни да направат сѐ што е можно за да дојде до деескалација, а важно е граѓаните да можат да учествуваат на избори“, изјави Шолц, истакнувајќи дека целта е излегување од повторна спирала на конфликтот.
Извор: DW