
По повод вчерашната експлозија на шок бомба во северниот дел на Косовска Митровица при што се оштететни три српски локали во населбата Бошњачка махала, се огласи косовската полиција. Тие наведуваат дека од експлозија на шок-бомба се скршиле прозорците, а се сомневаат дека направата ја фрлиле припадници на „организирани криминални структури“. Оттаму додаваат дека во врска со овој случај се преземаат „интензивни дејствија“. Во соопштението оценуваат дека овој потег е продолжување на напорите за подигање на тензиите и дестабилизација на ситуацијата, со цел ширење на чувството на несигурност и страв.
„Косовската полиција со своите единици, вклучително и единицата за антитероризам, презема интензивни дејствија во истрагата на овој случај со цел да се идентификуваат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овие злосторства“, се наведува во соопштението.
Инаку, Северно Косово се уште е блокирано, а Србите 11 дена се на барикадите во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, кои велат дека ќе бидат отстранети кога ќе бидат ослободени Милан Аџиќ, Дејан Пантиќ и Слаѓан Трајковиќ, но и кога специјалните сили на косовската полиција ќе се повлекуваат од северот на Косово и Метохија. На барикадите е мирно, но има претпазливост за да се избегнат провокации од албанска страна. Вчера искршени се стакла на три српски локали во Бошњачка махала.