
Лидерите на опозициските партии на Косово денеска побараа од премиерот, Албин Курти целосна координација со меѓународните партнери во врска со ситуацијата на северот на Косово, по излегувањето на претставниците на Србите од сите институциите, вклучително и од парламентот и владата.
Опозициските партии ги изнеле своите ставови и барања на состанок со косовскиот премиер, Курти.
„Во овие моменти се потребни одговорни акции кои ќе го зачуваат суверенитетот на земјата“, изјави лидерот на Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи по средбата.
Од друга страна, лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Лумир Абдиџику, рече дека на состанокот не слушнале конкретен план од косовскиот премиер за решавање на кризата, „ниту подготвеност за целосна координација со меѓународните сојузници“.
Тој оцени дека безбедносната состојба во земјата е „многу сериозна“, а координацијата со партнерите, особено со Соединетите Американски Држави, е од витално значење.
Лидерот на Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај изјави дека Курти не „објасни зошто ги прекинал односите со Америка“.
„За мене е неприфатливо во вакви чувствителни случаи да ги раскинуваме односите со главниот безбедносен сојузник“, рече Харадинај, кој го напушти состанокот.