
Косовската полиција соопшти дека ги следи наводите во одредени медиуми за „киднапирања, тепања и малтретирање на одредени припадници на српската заедница од страна на членови на криминални структури на северот“. Се додава дека полицијата „сериозно се однесува кон ваквите информации и ги презема потребните истражни дејствија“. Во соопштението нема прецизни информации за какви киднапирања или тепања станува збор.
Во последните две недели, врз основа на податоците на Здружението на новинари на Косово и локалните медиуми, има пет напади врз медиумски работници на северот. На северот на Косово живее мнозинско српско население, а од 10 декември се подигнуваат барикади поради апсењето на Дејан Пантиќ. Станува збор за поранешен косовски полицаец, кој е обвинет за учество во нападот во просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица. Косовската полиција наведува и дека ја зголемила безбедноста на север поради „закани по безбедноста на граѓаните на север“.