РЕГИОН

Косовската полиција продолжува да патролира во Јариње

Ситуацијата на северот на Косово и денеска е напната, но не се регистрирани тензии меѓу полицијата и локалните Срби кои го блокираат патот до граничниот премин кон Србија, Јариње. Косовските полициски сили беа во состојба на готовност цела ноќ, по протестите поради одлуката на Владата на Косово, за мерката на реципроцитет за регистарските таблички за возила регистрирани во Србија а кои влегуваат во Косово. Министерството за внатрешни работи ги повика граѓаните да избегнуваат движење кон граничните премини, Јариње и Брњак, а некои медиуми известуваат за движење на српските сили кон границата со Косово. Премиерот на Косово, Албин Курти, на средба со амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, рече дека одлуката за српските регистарски таблички не е ниту провокација, ниту дискриминација.

„Во овој реципроцитет на привремените регистарски таблички за автомобили, или Косово или Србија се во право или и двете грешат. Значи, или ќе ги држиме таквите регистарски таблички за двете земји, или да ги тргнеме, и Косово и Србија“, вели Албин Курти, премиер на Косово.

Средбата на Курти со европските амбасадори дојде по свикувањето на Советот за безбедност на Србија од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ, од каде што побараа од Косово да ја промени својата одлука или, во спротивно, неговата земја ќе преземе мерки, без да прецизира за какви мерки станува збор.

„Сакаме да и дадеме дополнително време на Приштина за да ги промени лошите одлуки. Ако не, ние ќе преземеме мерки“, рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.

И покрај тоа што најави мерки, сепак рече дека Србија ќе продолжи да инсистира на одржување мир и безбедноста на српското население на Косово. Вучиќ рече дека Србија ќе побара итен одговор од Европската Унија за тоа дали договорот од Брисел е легален или не и кога ќе се формира Заедницата на општини со мнозинство Срби. По одлуката на Владата на Косово да примени мерки за реципроцитет во однос на српските регистарски таблички, САД и Европската Унија ги повикаа двете страни да преземат мерки со цел да се намалат тензиите на северот на Косово. Портпаролот на Европската уУнија, Петер Стано, рече дека двете страни треба да работат на создавање атмосфера што ќе помогне во слободата на движење и ќе ги намали тензиите.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button