
Безбедносната мерка воведена пред три месеци од страна на Владата на Косово за српската стока доведе до зголемен увоз од С Македонија и Албанија. Производите од Србија се заменуваат и со производи од Европската унија. Според последниот извештај на Косовската агенција за статистика, увозот од земјите на ЦЕФТА во јули достигнал вредност од 73,9 милиони евра или 14,4% од вкупниот увоз, со намалување од 16,4%. Според овој извештај, земји со најголемо учество во увозот се С Македонија со 5,9% , Албанија со 5,4%, Србија со 1,3%. Од Стопанската комора на Косово информираат дека има пораст на увозот на стоки особено од Албанија и С Македонија.
„Во однос на количината на увоз на производи, оние кои не беа увезени од Србија, сега почнаа да се увезуваат од други земји, од регионот, но и од ЕУ. Ако ги погледнете статистичките податоци, имаме пораст на увозот, особено од Албанија и Северна Македонија, а тоа се индиции дека се увезуваат слични производи кои не би можеле да се увезат од Србија, поради воведувањето на мерките од Косово. Тие сега се заменети и производите се увезуваат од овие две земји“, рече Љуљзим Рафуна, Претседател на Стопанската комора на Косово.
Но, додека нашите и албанските фирми профитираат од мерката, Американската стопанска комора во Приштина бара од Владата на Курти итно да го преиспита ограничување на увозот од Србија. Според официјалните податоци, американски учествувале во сопственоста на српски фирми, па нивниот извоз паднал за над 39 проценти во споредба со 2022 година.
„Забраната која е насочена кон Србија и производите увезени од оваа земја, всушност во голема мера влијае на меѓународни компании. Многу од овие бизниси се во сопственост на компании од партнерските земји, вклучувајќи ги и САД, кои беа клучни столбови во поддршката за развојот на Косово“, наведуваат од Американската стопанска комора.
Безбедносната мерка за забрана на српските производи беше донесена на 14 јуни од страна на косовската влада, на денот кога тројца косовски полицајци беа киднапирани од страна на српските сили.
Аднан Ќаили