
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во четврток во Тирана изјави дека има нов моментум во процесот на проширување на Европската Унија (ЕУ) и дека понатамошните напори на Западен Балкан за постигнување напредок кон европскиот пат мора да се темелат на принципите на стабилност и доверба.
По неформалната вечера што ја приреди за учесниците на самитот на Европската политичка заедница во петокот од Западен Балкан и полскиот премиер Доналд Туск, Коста напиша на онлајн платформата X дека принципот на одржливост важи за двете страни.
„Понатамошните напори за напредок кон членство [на Западен Балкан во Европската Унија] мора да бидат водени од два фундаментални принципи: одржливост и доверба. Одржливоста за ЕУ значи проширувањето да биде на врвот на нејзината политичка агенда, додека за партнерите тоа значи усогласување со нашите вредности и спроведување реформи“, рече Коста.
Тој додаде дека довербата, како втор клучен принцип, „може да се изгради само преку отворен дијалог – внатрешно, меѓу партнерите во регионот и со институциите на ЕУ и земјите-членки“.
Коста беше домаќин на вечера за лидерите од Западен Балкан со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, на крајот од неговата турнеја низ регионот, за време на која ги посети Белград, Сараево, Подгорица, Приштина, Скопје и Тирана.
На вечерата покрај Коста, Фон дер Лајен, Калас и Туск присуствуваа и претседателот на Косово, Вјоса Османи; претседателот на Србија, Александар Вучиќ; претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ; Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски; претседателката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жеља Цвијановиќ; и домаќините – премиерот на Албанија, Еди Рама, и албанскиот претседател, Бајрам Бегај.
Шестиот самит на Европската политичка заедница ќе собере 47 шефови на држави или влади и лидери на клучни европски и меѓународни институции во албанскиот главен град, Тирана.
Се очекува на еднодневниот самит да се дискутираат безбедносните и одбранбените предизвици низ целиот континент, а тоталната агресија на Русија врз Украина ќе биде на врвот на агендата.
Земјите од Западен Балкан се надеваат дека на самитот на Европската политичка заедница ќе се дискутира и за проширувањето на Европската Унија.