Koстадиновски: Силата на аргументите ја прават одлуката на Уставниот суд авторитетна

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски учествува на 10. Конгрес на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата во Букурешт Романија, каде што попладнево имаше обраќање, на Првата работната сесија со фокус на тема: Конституционална рамка на толкување на Уставот.
Во неговиот говор, како што информираат од Уставниот суд, акцентот го ставил на „живиот конституционализам” и интерпретацијата на Уставот во современите општества. Тој ги истакнал дилемите за толкувањето на Уставот низ призмата на две гледишта, т.н. „жив конституционализам” и оригинализмот, притоа нагласувајќи дека неговите сфаќања се поблиску до интерпретација на Уставот преку еден од помодерните начини за негово толкување, односно „жив констутиционализам”.
-Дефиницијата за „жив Устав” е Устав што се менува како што се менуваат времињата. Имено, промените во општеството бараат адаптација, прилагодување на уставните вредности, принципи и норми на настанатите промени, без формална измена на уставниот текст. Оваа теорија е во допир со реалноста, и ваквиот пристап кон уставно судското толкување сам по себе се наметнува како нужен, неопходен и општествено оправдан. Силата на аргументите е таа која ја прави одлуката на Судот авторитетна, додека отсуството на аргументирана и образложена одлука донесена низ призмата на живиот конституционализам, само може да ги потврди стравувањата на оригиналистите, за „уставотворење од клупата”. Овие суштествени елементи, доведуваат до совршен правен ефект наречен „умерен жив конституционализам”, кој својот практичен ефект го има во општествените разбирања кои ги надминуваат уставните, изјавил претседателот на Уставниот суд.