Коцарев: Договорите со Грција и Бугарија извор на сите витални проблеми, членството во ЕУ останува неостварен сон

Извор на сите наши витални проблеми се сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, рече претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев, во своето експозе на Годишното собрание на МАНУ, за кое рече дека е авторски текст во кое изнесува негови лични ставови и наведе три предизвици за земјава – македонскиот опстој, ЕУ-интеграцијата и иднината на државата.
Според првиот човек на Академијата, Договорот со Бугарија, Преспанската спогодба и промената на Уставот заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот, затоа што, рече тој, „секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални или недостоинствени документи, а такви се трите документи од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст“.
Република Македонија во 2018 година, рече Коцарев, под тоа име била призната од над 130 земји од 193 членки на Обединетите нации или речиси од 80 проценти од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги трите суперсили Кина, Русија и САД. Преспанската спогодба не само што ги избришала тие факти, рече претседателот на Академијата, туку покажала дека „САД се подготвени да жртвуваат еден неважен пион за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи соочување со сеништата од минатото на нашите соседи, што може да доведе до распаѓање на Македонија и до обновување на регионалниот поредок“.
-Според мое мислење, токму заради македонското опстојување, а имајќи го предвид мултиполарниот поредок во светот, геостратегискиот светоглед на Македонија треба да вклучува негување на принципиелен и достоинствен однос кон трите суперсили, рече Коцарев.
Зборувајќи за евроинтеграциските процеси, претседателот на МАНУ рече дека веќе подолго време ЕУ демонстрира непринципиелност и немање желба за проширување, праќајќи, како што рече, јасни сигнали за Македонија, но и за други балкански држави, дека полноправното членство во ЕУ ќе остане, според многу аналитичари, неоставрен сон.