ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Би се разговарало за „финеси“ за датумот за изборите

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека може да се разговара за финесите за датумот за изборите, но датумите да бидат во рамки на законските прописи. Ковачевски денеска не ја отфрли категорично понудата на опозицијата за двојни редовни претседателски и парламентарни избори напролет. Тој кажа дека вчера се сретнал со претседатели на партии од владејачката коалиција, меѓу кои и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но не сподели повеќе детали. Единствено кажа дека за датумот за избори треба да се разговара во рамки на работната група во Министерството за правда, која требаше да ги изготви измените на Изборниот законик во согласност со препораките на ОБСЕ. Според него, секој друг формат во кој би се разговарало за датум за избори би бил вонинституционален.

Advertisements

„Единствено ВМРО-ДПМНЕ нема делегирано свој претставник, така што јас ги поттикнувам да делегираат свој претставник, бидејќи не може една или две партии да одлучуваат за процес во кој учествуваат повеќе од 30 политички партии. Местото за такво нешто е во работна група, којашто како и секогаш тоа го прави. Таму ќе бидат финално усогласени препораките на ОБСЕ-ОДИХР за законот и исто така може да се разговара за точниот тајминг на изборите“, рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ претходно не назначи свои претставници во работната група на Министерството за правда, но од партијата кажаа дека ќе ги поддржат измените штом ќе бидат изготвени, зашто, како што велат, станува збор за технички измени за кои даваат согласност. Засега нема одговор од опозициската партија дали сега би назначиле свои претставници во оваа работна група, откако премиерот предложи во неа да се зборува и за датумите за избори.

Во меѓувреме, албанската опозиција повтори дека навива за двојни избори на еден трошок, но инсистира и што поскоро да се распише оглас за нов член на Државната изборна комисија. ДИК во моментов функционира со шест членови, наместо седум. Четири члена се претставници на владејачките партии, а само двајца на опозициските партии бидејќи доскорешниот член Кренар Лога во меѓувреме стана дел од власта како министер за правда. Од БЕСА повикуваат власта да не ја одолговлекува процедурата за распишување оглас. Инаку се очекува оваа точка да се најде пред пратениците на седницата закажана за втори ноември.

„Земајќи предвид дека пратениците Фадиљ Зендели, Сафије Садики Шаини поднесоа конкретна иницијатива за пополнување на нашето место за член во ДИК, бараме пратениците на ДУИ и СДСМ да не бараат изговори за да ја одолговлекуваат или евентуално со нерационално толкување да избегнат исполнување на законската обврска“, рече Биљал Касами – претседател на БЕСА.

Инаку, вчера спикерот Талат Џафери ги кажа можните датуми за одржување избори. Тој кажа дека двојни редовни претседателски и парламентарни избори би можеле да се организираат само меѓу петти и осми мај, иако оцени дека осми мај е критичен датум, бидејќи на 12-ти истиот месец новиот претседател ќе мора да биде инаугуриран. Сите останати датуми пред петти мај, според Џафери, означуваат дека парламентарните избори би биле предвремени, па така отпадна понудата на Мицкоски да се организираат редовни двојни избори меѓу Рамазан Бајрам и Велигден.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button