МАКЕДОНИЈА

Ковачевски гледа влијание од „трети страни“ на Балканот

Трети страни сакаат да извршат влијание во земјите од Западен Балкан, вели премиерот Димитар Ковачевски. Според него, ваквото влијание е поради јасната ориентацијата на земјите од регионот за зачленување во НАТО и ЕУ. Ковачевски вели дека овие трети страни, кои сакаат да имаат геостратешко влијание, изминативе години изградиле одредена инфраструктура за постигнување на своите цели.

„Кога мислам инфраструктура, тука пред сè мислам на инфраструктура составена од политички партии, коишто се поддржани и финансирани од трети земји, потоа медиуми коишто се поддржани од трети земји, аналитичари и поединци коишто се исто така поддржани од трети земји“, вели Ковачевски.

Премиерот вели дека начинот со кој владите се борат со пропагандата е преку транспаретнтно, точно и навремено информирање на јавноста. Коментарот на Ковачевски следува откако вчера претседателот Стево Пендаровски рече дека постои руско влијание во земјите од Западен Балкан, кое има за цел да го наруши интегритетот на државите и ги повика НАТО и земјите-членки на ЕУ да обрнат поголемо внимание во регионот.

Во меѓувреме, во Европскиот парламент се очекува да биде изгласан Извештајот за надворешната политика на Унијата за 2022 година. Во него се поздравува отпочнувањето на преговорите за членство со Македонија и Албанија, подготвеноста за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина, како и укинувањето на визниот режим за Косово. Во дел од поднесените амандмани се вели дека треба јасно да се осуди руското влијание во регионот, но и да се запре евроинтегративниот пат на секоја земја што не се приклучила кон санкциите за Русија, а во случајов тоа е единствено Србија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button