
Важноста на новиот терминал за течен гас (ЛНГ) во Александруполи за енергетска независност, ослободување од рускиот гас и диверзификација на изворите, ја истакнаа премиерите на Северна Македонија, Грција и Бугарија, Димитар Ковачевски, Кирјакос Мицотакис и Кирил Петков, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и првиот човек на Европскиот совет, Шатл Мишел, за време на свечената церемонија во грчкиот град, по повод започнување на реализацијата на изградбата на пловниот терминал за ЛНГ, јави дописничката на МИА од Атина.
Веднаш по поздравните обраќања премиерите на Бугарија и Грција го потпишаа Договорот за започнување на реализацијата на проектот.
Премиерот Ковачевски во обраќањето рече дека „ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката“ и станува збор за проект за „долгорочна енергетска независност за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време“.
Тој додаде дека користењето на нови извори на енергија и замената на јагленот со гас се нашите најважни стратешки интереси.