ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Ковачевски: Јасната ЕУ перспектива за Северна Македонија е од стратешко значење за регионот

Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан не е само прашање на проширување, туку е пред сѐ прашање на заеднички стратешки ангажман. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на дебатата на тема „Не гледај раздвоено – Цртање на пат за ЕУ и Западен Балкан“ во рамките на официјалната програма на годинешната Минхенска безбедносна конференција.
Во тој контекст на остварувањето на таа визија за Европа, посочи Ковачевски, исклучително е добра веста за одлуката на Европскиот Совет од 21 март 2020 година, со препорака за безусловен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.-За жал, оваа препорака за безусловен почеток, беше условена од блокадата на претходната влада на Бугарија. Таа блокада е сѐ уште активна. Но, многупати досега сме покажале дека Северна Македонија е земја на пријателства и соживот. Тоа се наши автентични белези. Така светот нѐ препознава денес. Градиме пријателства. Посветени сме на изнаоѓање взаемно прифатливи решенија. Во тој дух и во тој манир Северна Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ, истакна Ковачевски.
Тој потенцира дека земјава посветено работеше и работи на домашните реформи врзани со поглавјата и законодавството на ЕУ и се фокусира на постигнувањето на европските стандарди како предуслов за напредок во ЕУ интеграциите.