Ковачевски на средба со Мицотакис во Атина

Процесот на уставните измени ќе биде една од темите на средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лајен во Атина. Тие се во Грција на покана на премиерот Киријакос Мицотакис, кој на неформална вечера ги покани челниците на Унијата и лидерите од Балканот. Покрај Лејен, во Атина ќе биде присутен и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел и се очекува да се даде нов стимул за евроинтеграцијата на земјите од регионот. Средбата се организира по повод 20 години од Солунскиот самит, каде падна договор регионот забрзано да се интегрира во Унијата. Но, засега во тоа успеаја само Бугарија, Романија и Хрватска. И ниви претставници се на вечерата. Според пишувањата на локалните медиуми Мицотакис сака да испрати порака дека Грција како земја-членка на ЕУ, ќе продолжи да биде водечка регионална сила која ќе го турка процесот на европеизирање на Балканот.
„Грција го зајакна своето геополитичко и енергетско влијание во регионот во последните четири години и стои покрај земјите на Западен Балкан како членка на европското семејство, но и како најголема економија во регионот посакува нивна европска интеграција, за што се создадени услови“, наведуваат извори од грчката влада.
Сепак, на ваквите најави остро реагираше опозициската партија Сириза, на поранешниот премиер Алексис Ципрас. Тие го повикаа Мицотакис да не организира, како што рекоа, пи-ар средба, туку да понуди конкретни чекори за евроинтеграцијата на регионот. Според Сириза, Мицотакис е лицемерен, бидејќи не го имплементира Преспанскиот договор, односно ја одолговлекува ратификацијата на три меморандума кои произлегуваат од него, а се однесуваат на зајакнување на соработката со Макеоднија, особено во економијата.
„Потсетуваме дека господинот Мицотакис е единствениот европски премиер кој од една страна ја повикува ЕУ да продолжи со интеграцијата на С. Македонија (и сите земји од Западен Балкан) за помалку од десет години, додека од друга страна одбива да ги ратификува трите технички договори со соседната земја“, велат од Сириза.
Од регионот присустни ќе бидат и косовскиот премиер Албин Курти, српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и премиерката на БиХ, Борјана Кришто.
Иако Грција се очекува да ја помогне интеграцијата на целиот регион, поради затегнатите односи на релација Тирана-Атина, ќе нема претставник на Албанија. Мицотакис реши да не го повика премиерот Еди Рама, туку албанскиот претседател Бајрам Бегај. Но, тој ја отфрли поканата поради набиена агенда. Сепак, во позадина стои случајот „Фреди Белери“. Тој се декларира дека е со грчко потекло и беше реизбран за градоначалник на албанската општина Химара на последните избори. Сепак, заврши зад решетки со обвинение за купување гласови. Грација бара тој да биде ослободен и се заканува дека ќе го попречи албанскиот пат кон ЕУ. Тирана возврати Атина да не се меша во внатрешните работи на државата.
Покрај скандалот со поканата до Тирана, вечерата посветена на евроинтеграцијата на регионот падна во сенка и на билатералната средба на Мицотакис со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Односите меѓу Атина и Загреб се влошија откако Хрватска обвини дека грчките правосудни органи сè уште неосновано држат во притвор невини хрватски навивачи, кои биле присутни во грчкиот главен град кога беше убиен еден од навивачите на фудбалскиот клуб АЕК.
Лука Андреев