Ковачевски не го демантира Вучиќ за наводната караница со Курти во Атина

Премиерот Димитар Ковачевски ниту ја потврди, ниту ја демантираше изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, дадена по неформалната средба на лидери од регионот во Атина во понеделникот. Вучиќ кажа дека на вечерата многумина биле изненадени од остриот тон кој Ковачевски го употребил кон косовскиот премиер Албин Курти. Српскиот претседател оцени дека судирот Ковачевски-Курти ја одбележал вечерата. Но, Ковачевски не одговори конкретно што се случувало. Се претпоставува дека судирот за кој зборува Вучиќ е посетата на Курти во Чаир и Тетово.
„Динамиката на поединечни изјави и поединечни акти не може да го диктираат главниот дискурс на добрососедски односи и интеграција во ЕУ. Тоа го потврди и мојот разговор со претседателот на Србија, посебно и неговата изјава, меѓутоа во изминатите денови исто така можевте да бидете сведоци и на изјава на косовскиот премиер, којшто кажа дека исклучително ја цени и почитува Северна Македонија“, рече Ковачевски.