Ковачевски не одговори кој е планот на владата ако не се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени

Во пресрет на утрешната собраниска седница на која на дневен ред ќе се најдат уставните измени, премиерот Димитар Ковачевски порача дека тие се императив за секој граѓанин на оваа држава и нагласи дека бројката од 80 пратеници не ѝ е потребна на Владата.
„Ние како држава се стремиме да ги исполниме европските вредности и затоа кога ќе кажеме 80 пратеници, тие не се потребни за владата, тие се потребни за граѓаните“, рече тој.
Премиерот немаше одговор на прашањето кој е планот на владата доколку не се изгласа потребата од носење на уставните измени, односно ако не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, имајќи го предвид вчерашниот јасен став на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да поддржат уставни измени, како што рекоа, во ваков формат и под бугарски диктат.
Наместо да даде одговор, Ковачевски ги искритикува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека немале објаснување за тоа зошто нема да поддржат уставни измени.