Ковачевски не сака дебата со Мицкоски, го чул што има да каже

Лидерска средба за уставните измени нема да има и покрај постојаните апели за тоа од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Премиерот Димитар Ковачевски оценува дека на лидерската средба во декември биле слушнати мислењата на страните и оти сега дебатата треба да биде институционална.
Мицкоски вчера рече дека е подготвен да ги разјасни позициите за уставните измени или на лидерска средба или на телевизиска дебата.
Во меѓувреме, од движењето Беса информираа дека сè уште не добиле покана за да делегираат претставници во работната група за уставни измени. Повторно го коментираа и предлогот на ВМРО.
„Што се однесува до предлозите за одредени модели, тоа го гледаме како подготвеност да се отвори Уставот. Доколку се отвори Уставот и за регулирање на меѓуетничките односи во Северна Македонија, секако дека ние како Движење Беса сме заинтересирани и подготвени да учествуваме, но бараме секоја наредна промена на Уставот да биде во насока државната регулатива да го одразува мултиетничкиот карактер на државата“, рече Касами.
И покрај тоа што политичките позиции за уставните измени воопшто не се мрднати од нула, наскоро треба да почне расправата, за до крајот на годината евентуално да се достигнат роковите за измена на Уставот за по скрининг процесот, да не дојде до празен период и да може да се отворат првите поглавја во пристапните преговори за членство во Европската унија.
Фатлуме Дервиши