Ковачевски одбива муабет со Мицкоски за избори

Премиерот Димитар Ковачевски нема да прифати лидерска средба за предвремени парламентарни избори, иако ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира Собранието од 10 мај. Тој вели дека Мицкоски добива инструкции од Груевски да ја уценува власта во услови на криза.
Но, ВМРО-ДПМНЕ е одлучна во својата цел. Предвремените избори, според Мицкоски, се неизбежни.
Блокирањето на Собранието како акција што ќе се спроведува од 10 мај го поддржуваат и од Движењето Беса. Лидерот Биљал Касами вели дека тоа ќе се направи преку блокирање на пленарните седници и комисиите.
„Оваа влада го загуби кредибилитетот откако не доби датум за преговори, со оглед на економската, енергетската и сите други кризи, оценуваме дека земјата треба да оди на парламентарни избори и волјата на граѓаните да биде претставена во централните институции. Ние сме за активна блокада на Собранието со нашите двајца пратеници“, вели Касами.
Доколку не дојде до промена на околностите и не се прифати барањето за лидерска средба, ВМРО-ДПМНЕ од 10 мај ќе ги блокира, како што соопшти, сите штетни закони во Собранието и ќе ги поддржи само оние кои се однесуваат на директна економска помош за граѓаните. Опозицијата не ја исклучува можноста и за преземање други чекори кои сè уште не ги објавува.
Фатлуме Дервиши