Ковачевски: Опозицијата да учествува во работната група за уставните измени

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека опозицијата треба да прифати учество во работната група за уставните измени, иако, како што нагласи, во минатото се покажало дека тие во ништо не сакаат да учествуваат во ништо, освен во блокирање на Собранието.
На новинарско прашање премиерот повтори дека за процесот на уставните измени следна фаза е формирање експертска работна група, што ќе биде координирана од Министерството за правда со цел подготвување на амандманите, по што ќе има широка јавна расправа, а потоа и парламентарна, во неколку чекори, вклучително и двотретинско и апсолутно мнозинство.
– Ние во моментов зборуваме за уставни измени, меѓутоа никој од граѓаните не видел како изгледаат тие уставни амандмани. Значи, прва фаза е тие да бидат напишани од страна на експерти. Не зборуваме само за вметнување на Бугарите во Уставот, туку зборуваме и за другите заедници коишто изразиле желба да бидат дел од нашиот Устав, во којшто веќе има други коишто се вклучени, изјави Ковачевски.
Како што наведе премиерот, работната група ќе вклучува експерти по уставно право и правници, а ќе бидат повикани и експерти од политичките партии, меѓу кои и од опозициските.