Ковачевски откри каква влада би сакал да има Бугарија

Премиерот Димитар Ковачевски посакува редовна Влада во Бугарија која ќе се залага за евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан. Тој ова го одговори на заедничката прес-конференција со словенечкиот колега Роберт Голоб, кој пак очекува наредната бугарска влада да има разбирање за интеграциите на Македонија.
„Ние како држава сосед посакуваме Бугарија да избере политичка Влада, којашто ќе биде ориентирана кон стопроцентно придржување на принципите на Европската Унија, на принципите на проширување на Европската Унија, почитување на сите свои соседи и градење на добрососедски односи“, рече Ковачевски.
„Моментално Бугарија сè уште нема Влада, но со било која именувана Влада ќе имаме еден дијалог за значењето на европските интеграции. Бугарија денес е свесна за тоа, бидејќи навистина сака да влезе во Шенген. Тоа е држава која е свесна како е некој да те исклучи од постапката кога имаш право за понатамошна европска интеграција“, рече Роберт Голоб, премиер на Словенија.
Прашана за можното влијание на евентуалната нова бугарска Влада во однос на евроинтеграцијата на земјава, портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро одговори:
„Наредниот чекор кој го очекуваме е Северна Македонија да ги усвои уставните амандмани, како што се обврза со цел да се одржи Втората меѓувладина конференција. Но, нема да го коментирам потенцијалниот импакт на изборите во Бугарија и процесот на формирање влада во однос на паралелните билатерални односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“, рече Ана Писонеро – портпарол на ЕК.
На петтите парламентарни избори во Бугарија во рок од две години најмногу гласови освои ГЕРБ на Бојко Борисов, а за еден процент послабо се класираше „Продолжуваме со промената“ на Кирил Петков. Во Собранието влез обезбедија уште четири партии, но очите на јавноста се вперени во можноста Петков и Борисов да постигнат договор за редовна проевропска политичка Влада.
Лука Андреев