Ковачевски: Потребен е национален консензус за постигнување на стратешката цел – членство во ЕУ

Потребен е национален, општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
Говорејќи за уставните измени, кои се дел од преговарачката рамка и услов за одржување на втората меѓувладина конференција и практичен почеток на преговорите со ЕУ, за ставот на опозицијата дека не прифаќа „уставни измени под бугарски диктат“, но и за политичките превирања во ДУИ и како сето тоа ќе влијае на овој процес, Ковачевски нагласува дека пратениците во моментов имаат многу поважна работа од, како што рече, терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче.
-Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ, нагласува Ковачевски.