ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски со коментар за случувањата во Судскиот совет

Премиерот Димитар Ковачевски случувањата во Судскиот совет ги оцени како сцени кои не ѝ личат на оваа институција. За седницата кога со 7 гласа имаше обид за разрешување на претседателката Весна Дамева, Ковачевски рече дека се прегледува што се случило и како понатаму. Сè ќе се знае по разгледувањето на записникот од седницата на 26 април.

Министерот за правда Кренар Лога вчера го побара записникот, но тој сè уште не е одобрен бидејќи вчера не се одржа седница поради отсуство на некои членови. Иако имаше обид за разрешување на Дамева со 7 гласа и покрај тоа што законот бара 8, пред неколку дена истите 7 гласа, меѓу кои и оној на предлагачот, не беа доволни за да се избере нов претседател на Советот, за што се шпекулира дека се предлага Сашко Георгиев, поранешен судија во Штип со 10 години на кривични предмети. За случувањата во Советот реагираше и Врховниот суд. Највисоката судска институција во земјава оценува дека создадената состојба треба да се надмине во интерес на граѓаните.

„Да се надмине оваа состојба прво во интерес на граѓаните и во оваа насока да се продолжат напорите за подготовка на Стратегијата за реформи во правосудството, потребните законски измени и имплементација на европските стандарди, независноста и ефикасноста на судството, борбата против корупцијата, транспарентноста и враќањето на јавната доверба“, наведоа од Врховен.

Иако на седницата сè беше јавно и можеше да се констатира кршење на прописите и законите, Здружението на судии оценува дека треба да се испитаат сите релевантни информации, вклучително и фактите, па дури потоа да се произнесе за случувањата во Судскиот совет.

„Се надеваме дека членовите на ова тело ќе ги искористат сите свои човечки капацитети за да го изнајдат вистинското решение за да овозможат непречено работење на оваа институција во остварувањето на уставните овластувања“, велат од Здружението на судии.

Академикот и експерт по кривично право Владо Камбовски изјави дека Јавното обвинителство треба итно да отвори предмет за злоупотреба на службената должност. Според него, врз основа на материјалните докази од седницата кои тој ги опишува како невидени досега, треба да оцени дали има елементи на кривично дело од едно или повеќе лица. Јавното обвинителство пред неколку дена соопшти дека се преземаат законски дејствија кога постојат основани сомнежи за сторени кривични дела.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button