
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски обвини дека опозицијата воопшто нема план за евроинтеграцијата на државата. Во интервју за порталот „Локално“ тој истакна дека со ВМРО-ДПМНЕ нема европска иднина, а на претстојните избори граѓаните нема да дадат поддршка на, како што вели, популистичка десничарско-проруска коалиција. Од неговата партија истакнаа дека ВМРО-ДПМНЕ не може да ја убеди ниту грчката амбасада за продолжување на важноста на патните исправи, а не пак целата Унија за промена на францускиот предлог.
„Една амбасада ВМРО-ДПМНЕ не може да убеди, а не 27 земји-членки на Европската Унија да се смени преговарачката рамка. Уште еден лажно креиран мит, една невистина е целосно разоткриена. Се потврди она што го говоревме – го имаме најдобриот договор што можевме да го добиеме“, рече Дарко Каевски – портпарол на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ изразија жалење што владејачката партија, како што соопштија, се гордее со бугарскиот диктат. Од опозициската партија порачаа да се почека 8 мај, односно изборите, а потоа ќе било јасно како ќе се промени предлогот.
„Бугарскиот диктат кој Македонија го прифати заради слабата власт е најлошата работа која државата некогаш ја прифатила. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со бугарскиот диктат и тој мора да биде променет, а Македонија да добие подобра позиција. Фрапантно е како една партија може да се гордее со поразите на сопствената држава“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно истакнаа дека за време на изборната кампања што следува ќе го понудат решението за интеграција во Европската Унија и – како што наведоа, зачувување на идентитетот. Притисокот кон опозициската партија во однос на ставот за уставните измени и продолжување на евроинтеграцијата се покрена откако високи американски претставници порачаа ВМРО-ДПМНЕ да ѝ го презентира на јавноста нејзиниот план за зачленување во Унијата. Последно, американската амбасадорка Анџела Агелер рече дека би била задоволна ако дознае какви решенија нуди опозицијата за уставните измени, додавајќи дека САД би биле разорачани ако тие не се усвојат./Алсат.мк
Лука Андрев