Ковачевски: Според календарот мај нуди можност за избори

Премиерот Димитар Ковачевски очекува лидерската средба да биде конструктивна. Шефот на Владата вели дека во понеделник очекува лидерите на политичките партии да ги обединат ставовите за датумите на претседателските и парламентарните избори, како и за вклучување на препораките на ОБСЕ-ОДИХР во Изборниот законик. Ковачевски рече дека при одговорањата на датумите за изборите, за кои има можност да се одржат во мај, мора да се земат предвид и верските празници во април и почетокот на мај.
Ковачевски додаде дека во моментов партиите имаат различни ставови за укинување на техничката влада, но изрази оптимизам дека законските измени може да се направат сега, но укинувањето да стапи на сила по парламентарните избори.
Во понеделник лидерите на политичките партии застапени во Собранието начелно ќе разговараат за парламентарните избори и измените во Изборниот законик, додека определувањето на датумите на изборите ќе остане тема на разговор на работните групи кои ќе ги продолжат преговорите во Собранието. Партиите во принцип се договорија парламентарните избори да се одржат во ист ден со вториот круг од претседателските избори. Кон крајот на јануари треба да се формира техничката Влада, а на крајот на февруари да се распишат парламентарни избори и да се распушти Собранието.
Адриан Керими