ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ да предложи министри и да гласа за техничката влада

ВМРО-ДПМНЕ да го гласа и поддржи составот на техничката Влада, во спротивно позициите што им следуваат ќе останат празни – ова го најави премиерот Димитар Ковачевски. Потегот следува откако претходно лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски изјави дека партијата ќе предложи свои кандидати за министри и заменици-министри во техничката Влада, но пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат воздржано во Собранието за изборот за нова влада.

Образложението за ваквиот став е негодувањето што Талат Џафери би ја предводел техничката Влада, што според опозицијата, е несоодветно решение поради скандалите кои се поврзувале со актуелниот спикер. Ковачевски денеска потенцира дека сите партии што учествуваат во техничката Влада се повикани да дадат поддршка во Собранието.

„Тие места треба да останат празни и мандатарот да предложи Влада, во којашто тие места ќе бидат испразнети и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи Владата тогаш наредниот ден ќе може мандатарот да предложи, а и во истиот ден и да се изгласаат министрите коишто нив им следуваат“, рече Ковачевски.

По ваквиот повик на премиерот, ВМРО-ДПМНЕ сепак не го промени ставот. Од партијата одговорија дека ова е евтин трик на власта, а правото не познава термин „испразнети места“.

„ВМРО-ДПМНЕ прифати да учествува во техничката влада, без да го гласа техничкиот премиер Џафери од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став и имињата за министри и заменици, согласно законот ќе бидат предложени наредната недела. Останува на власта дали ќе одбере да го почитува законот, или истиот ќе го крши, што само ги открива и позадинските намери за загрозување на изборниот процес“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачевски во меѓувреме потврди дека вчера одржал работна средба со екс-премиерот Зоран Заев и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Тој рече дека се зборувало за евроинтеграцијата и за настапот на претстојните избори. Сепак, Ковачевски посочи дека се уште се прават анализи дали ќе се формира предизборна коалиција меѓу СДСМ и ДУИ.

„На државата и треба една европска коалиција, којашто ќе осигура сигурна европска иднина за државата, без никакви неизвесности и изолации и без никакви политички еквилибристики какви што ги гледавме во текот на 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ за жал повторно нема концепт којшто гледа напред“, рече Ковачевски.

Инаку, гласањето за техничката влада чија надлежност е да го спроведе изборниот процес се очекува да се случи до крајот на следната недела. На опозицијата и следуваат министерските позиции во внатрешни работи и труд и социјална политика, како и заменици во министерствата за финансии, земјоделие и администрација.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button