Ковачки: ЈО да отвори истрага за деловниот центар „Соравиа“

Дрин Ахмети, со вчерашното признание дека презема 39 отсто од сопственоста на деловниот центар „Соравиа“, без да даде ниту еден денар за тоа, само затоа што има претприемачки дух, фрла сомнеж и дополнително го инкриминира Али Ахмети, дека тој лично стои позади целата оваа зделка, рече на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„’Тор Индустриес’ на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети е фирма која е основана во 2020 година, истата не прикажува профит, напротив работи и со загуба. Истата оваа фирма, сега заедно со албанската ‘Пе-вла-ку’ го презема деловниот центар ‘Соравиа’, и наместо со паричен влог, фирмата партнер од Албанија е таа која плаќа, а младиот Ахмети добива 39 отсто затоа што е млад и има убав поглед кон иднината. И како таков треба да го менаџира деловниот центар“, рече Ковачки.
Ковачки смета дека за овој случај Јавното обвинителство и органите на прогонот треба да отворат истрага веднаш.
„Секој граѓанин, но и Јавното обвинителство и истражните органи треба да си дадат пред себе одговор на следното прашање. Дали било кој друг бизнисмен од Македонија или било каде во светот, ќе добие 39 отсто од некоја милионска луксузна недвижност, без да плати за тоа ниту еден цент, само затоа што има претприемачки дух?“, праша Ковачки додавајќи дека одговорот на ова прашање е „не“.