ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Критики за намалувањето на блок-дотациите за училиштата

Општина Чаир и Тетово бараат одговор од Министерството за образование за намалувањето на буџетот за блок-дотациите. Чаир соопшти дека за 2024 година планираните блок-дотации изнесуваат 525 милиони денари, буџет кој треба да ги покрие платите на наставниците, регрес, греење и одржување на 10 основни училишта. Оттаму потсетуваат дека 500 милиони ќе се потрошат само за плати.

Advertisements

„Преостанатиот дел од 25 милиони денари е премал за да се покријат сите други трошоци. Бараме итно Владата и Министерството за образование да ја преиспитаат оваа одлука бидејќи на овој начин им нанесуваме штета на 10 основни училишта и на околу 10 илјади ученици за кои имаме морална обврска да им обезбедиме реални услови за учење, а не милостина. Намалувањето на блок-дотациите го сметаме за трик на Владата и Министерството за образование на сметка на децата, учениците и нашата иднина“, вели Блерим Сулејмани, општина Чаир.

Од образовниот сектор во општина Тетово алармираат дека со ова кратење на буџетот училиштата ќе пропаднат, ќе нема да можат да се снабдат со гориво за греење и да покриваат други трошоци.

„Во однос на буџетот од претходната година, годинава имаме 93,5 отсто од блок-дотацијата предложена од министерството да оди само за плати, регрес и пензионирања во нашите училишта. Остануваат само 6,5 отсто со кои училиштата ќе треба да имаат греење, да се снабдат со гориво, да се платат сметки за енергија, смет, вода и други материјали потребни за училиштата во Тетово. Со овој буџет училиштата се крајно оштетени и проблематично е училиштата да функционираат со овој буџет“, рече Назми Даути- сектор за образование, општина Тетово.

Општините потсетуваат дека и со блок-дотациите досега не можеле да ги покријат трошоците, а не пак со намалени. Дел од овие трошоци општините покриле со средства од сопствениот буџет, а одредени училишта остануваат во долгови. Општините најавуваат реакција ако планираниот буџет остане ваков. Од Министерството за образование не добивме никаков одговор.

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button