Критиките на австрискиот амбасадор во земјата за судството предизвикаа бројни реакции

Австрискиот амбасадор во земјава, Георг Вуцас, повика на смена на судиите и јавните обвинители поради непрофесионални постапки, и можно надворешно влијание во судски спор меѓу австриска компанија и локална компанија во сопственост на сопругот на братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев. Амбасадорот во соопштение до медиумите тврди дека судските институции во земјава не успеале да ја натераат споменатата компанија да ја почитува арбитражата и да го врати долгот.
„Дали го заробиле судството компаниите ДЕНА и Глобал? Амбасадорот Георг Вукас во писмо испратено пред неколку дена бара од Судскиот совет, и Советот на јавни обвинители итно да ги сменат сите некомпетентни судии и обвинители во овие случаи. Секој притисок или влијание е спротивно на независноста на судството, и мора да биде презентиран за понатамошно дејствување“, наведе амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија.
Реакцијата на Заев беше брза. Тој му се “закани” на амбасадорот Вукас со тужба
„Се сметам себеси за пријател на Австрија, и во мое време, како премиер воспоставив одлични односи и соработка со Австрија. Затоа нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија толку лесно и без никакви докази да го споменува моето име на овој начин. Следното споменување на моето име на овој начин значи дека амбасадорот и јас ќе мораме да се видиме на суд за да ја докажеме мојата вмешаност во овој случај“, реагираше Заев.
Претседателот Стево Пендаровски, денеска истакна дека реакцијата на амбасадорот е целосно фер и во рамки на неговите должности, кои меѓу другото се и заштита на интересите на австриските компании.
„Го следам случајот, ги читам коментарите дека може да има мешање во внатрешните работи. Не станува збор за мешање во внатрешните работи, туку за легитимна обврска на секој амбасадор. Дури и кога нашите амбасадори се во странство, тие имаат обврска да ги штитат интересите на приватните компании и граѓаните, а не само на државните институции“, рече Пендаровски.
Судскиот совет најави дека ќе спроведат вонреден надзор во Судот во Гевгелија за овој случај, додека од Советот на јавни обвинители рекоа дека се е во рамки на законот и дека случајот не се одолговлекува во интерес на ниту една страна.
Дознаваме дека австриската компанија „Амма Хоенемс“ потпишала милионски договор со компанијата на зетот на поранешниот премиер Зоран Заев. Компанијата од Валандово требала да ги снабдува Австријците со првокласни корнишони, но договорот бил прекршен кога локалната компанија го продала производот на германска компанија.
Ардит Рамадани