Кривична пријава против поранешни вработени во МВР

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за корупција, до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Д.Г.(58), Е.А.(58) и О.П.(44), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „оддавање службена тајна“, „попречување на правдата“ и „противправно стекнување и прикривање имот“, соопшти МВР.
Пријавените Д.Г. и Е.А., како што е наведено во соопштението, во периодот кога биле вработени во Министерството за внатрешни работи, заедно со О.П., се приклучиле на организирана криминална група за која прибавувале, соопштување, пренесување или на друг начин овозможувале достапност на податоци што претставуваат службена тајна.
-Во периодот од декември 2019 година до март 2021 година, знаејќи за постоење на интерес на поголем број на личности за добивање на вакви податоци и службени информации за актуелни криминалистички истражувања, планирани мерки и активности за лишување од слобода, со посебен акцент за податоци дали и против кои личности и од кои причини се спроведуваат оперативни и истражни дејствија, како и дека таквите податоци и информации можат да се прибават со давање на парични награди, се поврзале со оваа криминална група во која имале посебна улога за пренесување службени информации, поврзани со организирани криминални групи инволвирани во извршување на криминални активности од повеќе области, особено на тешки кривични дела, од кои за некои е предвидена и казна доживотен затвор, велат од МВР.