Кривична пријава за насилство против напаѓачот на екипата на Алсат

Основното јавно обвинителство бара на напаѓачот на екипата на телевизија Алсат да му се определи мерка претпазливост, привремено да му се одземат патните исправи и да се забрани контакт со сведоците и жртвата. Обвинителството поведе постапка против 53-годишниот кој се сомничи дека сторил кривично дело насилство од член 386 ст.3 од Кривичниот законик.
„Педесет и тригодишниот осомничен на 21 август во Старата скопска чаршија прво се заканувал и навредувал, а потоа и физички ја нападнал екипата на телевизија Алсат. Тој го удрил камерманот по главата и телото, притоа предизвикувајќи вознемиреност и страв кај двајцата новинари. Во однос на целосното разоткривање и документирање на случајот, по наредба на јавен обвинител, меѓу другото се прибавени и снимки од видео снимките од надзорот од околните објекти“, велат од ЈО.
Полицијата пак, на напаѓачот му поднесе кривична пријава за насилство.
Вчера, додека новинарките Ера Ѓакова и Сара Хоџа, заедно со снимателот ја извршуваа својата должност во Старата скопска чаршија, лице кое имало дуќан во близина на местото каде што се снимало, без никаква причина почнал да им се заканува. Потоа физички го нападнал снимателот и му нанел повреди на телото.
Ајнур Бафќари