Кривичниот суд бара 20 нови судии

Кривичниот суд се соочува со недостиг на 20 судии. Претседателот на скопска единица Иван Џолев, утврдил дека откако станал шеф на судот, дел од судиите или се унапредени или заминале во пензија без да се пополнат со нов кадар. Околу десет пати Џолев барал од Судскиот совет да му делегираат судии за да ги пополни испразнетите места. Но, советот не наидувал на разбирање со објаснување дека Кривичен во 2019 – та година бил оценет како ажурен суд. Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев вели дека нема од каде да најде судии за скопска единица.
„Може да направиме анализи и да видиме дали има можност да прераспределиме судии од друг суд, но секако секаде има недостаток“, вели Здравев.
Претседателот на Кривичен мора да најде баланс и да работи согласно можностите и тука е умешноста, додава Здравев. Во Кривичниот суд сега работат 47 судии. Во одделението за организиран криминал се само 8 кои судат висок профил на корупција. Тука бројот на судии со намали со одлуката Добрила Кацарска да биде предложена да замине во Уставниот суд. И во услови кога Кривичен кубури со судии, претседателот Џолев сепак очекува до Нова Година пресуди да има за пет случаи кои ги отвори згаснатото СЈО. Се очекува да финишираат и предметите „Монструм“, набавките на опрема за прислушување во УБК, апсењето на Љубе Бошковски и за изградбата на кинеските автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Бојан Стојановски