Крмов од Левица иницира надзорна расправа за трагедијата во Кочани

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов на денешната прес-конференција соопшти дека како пратеник од Третата изборна единиц иницирал надзорна расправа во врска со трагедијата во Кочани со цел да се расветлат сите пропусти.
– Во овие моменти кога сѐ уште не е поминат шокот од незамисливата национална катастрофа која се случи во Кочани, ние како пратеници и како Собрание, посебно пратениците од ИЕ 3, мора да поднесеме и морална одговорност. Поради тоа, денес, јас, како пратеник од ИЕ 3, покренувам иницијатива за Надзорна расправа во Собранието околу катастрофата што ни се случи во Кочани. Ние ги повикуваме сите партии. Оваа иницијатива ќе биде доставена денеска до сите останати партии. Очекуваме поддршка, рече тој.
Крмов информира дека таа расправа ја планираат да се одржи во постојаната Анкетна комисија за слободите и правата на граѓанинот со која раководи Димитар Апасиев.
-Но, отворени сме да биде и на било која друга комисија која и одговара на власта и на остатокот од опозицијата. За таа цел се потребни се минимум 15 потписи и ние ги даваме нашите шест. Отвараме простор да има и Анкетна комисија, има постојана Анкетна комисија во која може да се одржи расправата, но има и времена Анкетна комисија. Во тој случај ќе се повикаме на член 76 став 3 од Уставот, за која се потребни дваесет потписи и апсолутно, на нас не ни е битно ние да го водиме процесот, поентата е да се почне сега и веднаш за да се дојде до одговорите кои ни се потребни, објасни Крмов.