Ќучук: Да се врати довербата меѓу Северна Македонија и Бугарија, историјата да се остави на историчарите

Билатералните прашања да се решаваат во билатерален формат, а историјата треба да биде оставена на историчарите. Важен дел од секоја рамка се добрососедските односи. Потребно е да се врати меѓусебната доверба, со цел да изградиме здрави добрососедски односи за идните генерации.
Ова денеска го изјави известувачот во Европскиот парламент за Северна Македонија, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој е во посета на земјава, на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.
– Историските прашања треба да се решаваат од компетентни историчари. Разговорите за историјата треба да бидат оставени на професионалци. Политичарите се одговорни да носат политички одлуки, не да ги сокријат под килим, и да речат виновни се историчарите, рече Ќучук, додавајќи оти заедничката Комисија треба да ја продолжи работата и оти мора да се врати меѓусебната доверба, бидејќи, како што посочи, без тоа не можат да се постигнат добри резултати.