Курдската ПКК се распушта и става крај на 40-годишното вооружено востание во Турција

Курдската милитантна група Курдска работничка партија (ПКК), која води бунт против турската држава повеќе од четири децении, одлучи да се распушти и да ја прекине својата вооружена борба, објави денеска новинска агенција блиска до групата.
Одлуката на ПКК би можела да ја зајакне политичката и економската стабилност на Турција, која е членка на НАТО, и да поттикне чекори за ублажување на тензиите во соседен Ирак, а исто така и во Сирија, каде што курдските сили се сојузници на американските сили.
Повеќе од 40 000 луѓе се убиени во конфликтот откако ПКК започна бунт во 1984 година. Конфликтот наметна огромен економски товар и ги разгоре социјалните тензии. Турција и нејзините западни сојузници ја означија ПКК за терористичка група.
„Дванаесеттиот конгрес на ПКК одлучи да ја распушти организациската структура на ПКК и да ја прекине вооружената борба“, објави новинската агенција Фират повикувајќи се на конечната декларација од конгресот на ПКК одржан минатата недела во северен Ирак, каде што е седиштето на групата.
Извор: Politico