ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Курти: „Македонија поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, подалеку од Србија“

Косовскиот премиер Албин Курти за време на вчерашната посетата од концертот во Тетово во вечерните часови ја повика земјава да биде што е можно поблиску до Албанците и Бугарите, а што е можно подалеку од Србија. Според него, на тој начин државава ќе оди напред.

„Колку е поблиску Северна Македонија до Косово, Албанија и Бугарија, а колку е подалеку од Србија, која не се дистанцира ниту од Милошевиќ, ниту од Путин, толку поблиску ќе биде членство во Европската унија и толку побезбеден ќе биде нашиот балкански регион“, рече Курти.

Денеска пак, имаше многу реакции за именувањето на една од скопските улици со името на Адем Демачи. Според ВМРО-ДПМНЕ, Советот на Град Скопје пред две години без никаква дебата, без консултација со граѓаните насилно ги сменил имињата на речиси 500 улици и други објекти.

„Дали неспособните од Владата на СДСМ знаат чиј главен град е Скопје, на Македонија или на некоја друга држава? Вчера во Скопје без никаков македонски симбол и со голема помпезност и во присуство на премиер на друга држава, улицата Втора македонска ударна бригада го доби името на косовскиот борец Адем Демачи. Улицата го носи името на Демачи, кој нема допирни точки ниту со историјата на Македонија, ниту со Скопје, но имал националистички идеали поврзани со други земји. Затоа, прашуваме дали советниците на СДСМ знаеле за што гласаат во 2021 година во Советот?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, од СДСМ возвратија дека Христијан Мицкоски бил одговорен за вчерашните случувања во Скопје и Тетово.

„Христијан Мицкоски е тој кој треба да излезе пред јавноста и да одговори. Неформалните партнери на коалицијата на Мицкоски и ДПМНЕ се организатори на настаните во Скопје и Тетово. Касами стана градоначалник со поддршка и гласови на ДПМНЕ, а нивната соработка продолжува во Советот, Собранието и по други прашања. Јавноста знае дека Мицкоски го предложи Африм Гаши за нов мандатар на Владата. Ако денес ДПМНЕ е наводно згрозено од неговата постапка, нека му се обрати директно нему“, велат од СДСМ.

Реакции имаше и од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој за вчерашните активности ги повика институциите да го истражат кршењето на Уставот и законите, со тоа што не се интонирала македонската, туку албанската химна, не биле истакнати државните симболи, туку симболи на Голема Албанија.

„За оваа кохабитација и заемно почитување се боревме под слоганот „Едно општество за сите“? Како се чувствувате денес кога сеќавањата на нашите паднати дедовци, партизани, антифашисти од Народноослободителната војна (од сите народи и народности во Македонија во тоа време) се БРИШАТ и се именуваат со имињата на борците од национални каузи? Веќе втор ден по ред молчите и молкот во овој случај е повеќе од срам“, рече градоначалникот Димитриевски.

Курти во Скопје и Тетово се сретна само со политичари од опозицискиот Фронт, а со ниту еден од редовите на власта.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button