
Косовскиот премиер Албин Курти, по синоќешната средба со лидерот на најголемата опозициска партија во косовското Собрание, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи изјави дека на средбата се разговарало за новите избори и за времето кога тие би можеле да се одржат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обраќајќи им се на медиумите по средбата со Красниќи, Курти изјави дека, според него, „најпогодни сезони (за одржување на изборите) се пролетта и есента“, но за нивно закажување рече дека очекува соработка со опозицијата.
„Разговаравме и за ситуацијата воопшто и за напредокот на Косово во меѓународните интеграции и за можноста за нови избори во блиска иднина, кога се знае дека веќе влегов во последната година од мојот мандат на чело на Владата… Тие (ПДК) го одредиле својот кандидат за премиер на следните избори, следните избори се прашање на месеци и заинтересиран сум да разговарам со ПДК, ЛДК и ААК која е најпогодна сезона за следните избори. Сметам дека генерално е пролет или есен“, изјави Курти.