ВЕСТИ

Курти: Вучиќ дејствува во координација со Русија и Кина

Курти: Вучиќ дејствува во координација со Русија и Кина

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека во последниве денови се засилени заканите на Србија и на српскиот претседател Александар Вучиќ за дестабилизација на ситуацијата на северот на земјата. Ова, според Курти, се случува затоа што Вучиќ го отфрлил француско-германскиот план и на тој начин ги користи членовите на нелегалните структури на северот за да ја дестабилизира состојбата.

Advertisements

„Поради одбивањето што му го направија на Париз и Берлин, за ова ги користат оние кои сè уште продолжуваат да ги слушаат, односно членовите на нелегалните структури. Србија е заинтересирана да го саботира дијалогот и секој договор. Белград го отфрли француско-германскиот план и сега прави драма за да го маскира одбивањето“, рече Албин Курти, премиер на Косово.

Курти рече дека Вучиќи се координира со Русија и Кина и ги разочарува ЕУ и САД. И претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца изјави дека Србија постапува на овој начин за да го отфрли француско-германскиот предлог.

„Ако ја разбирате суштината на француско-германскиот проект, тоа е заемно почитување на суверенитетот меѓу двете држави. Сега мислам дека тоа е главната причина поради која Србија го одби и причината што планот ‘б’ на Србија започна со настаните што ги гледате на северот на Косово“, изјави Глаук Коњуфца, претседател на Собранието на Косово.

За оставката на десетте пратеници од Српската листа, Коњуфца искоментира дека државата не е во уставна криза.

„Бидејќи во Собранието привремено ќе има 110 пратеници, а не 120, тоа воопшто не е противуставно…. Не сме во уставна криза по овие оставки, туку сме во нормални процедури за нивна смена“, додаде тој.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на својот Инстаграм профил напиша дека српскиот народ на Косово нема да остане без поддршката од Србија.

„Без избрзани движења, секогаш со нашиот народ за подобра иднина на нашите чеда. Ова е политиката што ја следиме и која ја применуваме секој ден. Продолжуваме да ги штитиме нашите национални интереси, а во исто време се бориме за секој фактор што може да донесе корист, да нè направи посилни и подобри…“, напиша Александар Вучиќ, Претседател на Србија.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг разговараше и со Курти и со Вучиќ. „Ги замолив и двајцата да се воздржат од какви било унилатерални дејствија што може да предизвикаат ескалација. Дијалогот е единствениот пат напред“, напиша Столтенберг на Твитер. Заминувањето на Србите од косовските институции се случи откако Владата во Приштина на 1 ноември започна со спроведување на трифазниот план за пререгистрација на автомобилите со регистарски таблички издадени од Србија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button