
Претставникот на Европската Унија (ЕУ) за преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, во понеделникот изјави дека по новиот инцидент на северот на Косово, во наредните денови „ќе се фокусира на изнаоѓање пат напред“.
Лајчак на Фејсбук во ноќта меѓу неделата и понеделникот рече дека „страшниот напад“ врз припадниците на косовската полиција во градот Бањска на северот на Косово е „длабоко загрижувачки“.
„Ваквиот кукавички чин на насилство е длабоко загрижувачки и се коси со самите принципи на мирот и соработката“, напиша Лајчак.
Тој додаде дека овој „страшен напад дополнително ја нагласува неопходноста од превентивна дипломатија и дијалог, што беше нагласено минатата недела“ за време на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
„Во наредните денови целосно ќе се фокусирам на изнаоѓање пат напред“, наведе Лајчак.