
Ракометарите на Алкалоид ќе се судрат со Бјерингбро Силкеборг во третото коло на Европската лига на ЕХФ, во рамките на третото коло од ова натпреварување. Тренерот на Алкалоид и македонски селектор, Кирил Лазаров, ја препушти фаворитската улога на ривалот, ама нагласи дека неговите избраници се подготвени да се борат.
„Името на противникот и државата од која доаѓа, ни кажува за квалитетот. Данска екипа која со години изборува пласман во Европа преку нивната лига која од година во година е се посилна. Инвестициите кои ги направија оваа сезона, со купувањето на нивниот најдобар играч покрај Хансен, Расмус Лауге, кој беше член и капитен на Веспрем, кажува дека ќе имаме сериозен противник. Мора да сме на високо ниво за да сме конкурентни со нашата млада и недоволно искусна екипа во европски рамки.
Како што поминува времето, за нас како тим кој првпат игра во Европа, почетната трема ја надминуваме. Против Ла Риоха демонстриравме поквалитетен ракомет, споредувајќи со првото коло против Војводина. Се надевам дека ќе играме опуштено и квалитетно. Добро се подготвивме во овие неколку дена, па се надевам квалитетно ќе одговориме. Очекувам тврд натпревар, му ја препуштам фаворитската улога на Силкеборг. Ние секако ќе гледаме да се поставиме добро и доколку ни се укаже прилика, ќе се обидеме да искористиме“, изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Бјерингбро Силкеборг се игра во вторник од 18:45 часот.