
Утре на мегдан доаѓа домаќинот Германија кој освен огромниот квалитет, на своја страна ќе го има и факторот публика. Селекторот Кирил Лазаров добро знае со кого (ќе) си има работа, но своето искуство треба да им го пренесе на ракометарите кои можеби првпат во кариерата ќе се соочат со вакво нешто.
„По Франција, играме со уште една светска ракометна велесила. Германците покажаа на првиот натпревар дека се сериозни кандидати најмалку за полуфинале. Очекувам против нас една мотивирана Германија. Берлин има ракометна публика и тоа ќе биде мотив за ракометарите да се покажат во што подобро издание, без разлика на името на противникот. Ние против Франција одигравме квалитетни 40-тина минути. Не треба да бидеме задоволни од тоа, но треба да ги задржиме добри работи, а да ги намалиме техничките грешки и секако да одиме на контакт игра, на повеќе прекини со што ќе ја смириме нивната игра.
Свесни сме дека не очекува еден цврст натпревар, но размислуваме позитивно, особено јас сум оптимист дека можеме да парираме и да бидеме компетитивни. Треба да се подготвиме индивидуално и ментално, играчите да го издржат притисокот од трибините во текот на сите 60 минути, а тоа не е лесно. Ова е големо искуство за нашите играчи, јас донекаде ги разбирам и покрај моите и барањата на целата нација дека сакаме добри резултати против фаворитите. Ние веруваме, а ќе видиме како сето тоа ќе изгледа на терен. Oдморивме и ментално и физички, ќе се обидеме да играме добар ракомет и да уживаме на теренот“, вели селекторот на македонската репрезентација.