
Лос Анџелес Лејкерс направи серија од 21-0, со што од 87-94 на крајот од третата четвртина стигна до 108-94 на почетокот на четвртата четвртина и со тоа го трасираше патот до третата победа во третата натпревар на сезоната во НБА лигата. „Езерџиите“ славеа над Сакраменто Кингс со 131-127, а на паркетот одново блесна нивната најголема ѕвезда Леброн Џејмс. Во споменатата серија Џејмс учествуваше со 10 последователни кошеви и вкупно 16. Ветеранот кој ја игра 22. сезона во најсилната кошаркарска лига на светот и кој во декември ќе го прослави својот 40. роденден средбата во Лос Анџелес ја заврши како најдобар стрелец (32), скокач (14) и асистент (10). Тоа беше неговиот 113-ти „трипл-дабл“ во кариерата.
Кај Лејкерси одличен беше и Ентони Дејвис, кој по третпат постигна над 30 поени. Застана на 31 и имаше девет скока. Кај поразениот тим се истакнаа Домантас Сабонис со 29 поени, 12 скока и 10 асистенции и Де’Арон Фокс со 28 поени и 10 асистенции.
Еден ден откако прокоцка 22 поени предност и загуби од ЛА Лејкерс, Феникс Санс славеше над Далас Маверикс со 114-102 во натпревар во кој настапија најголемите ѕвезди на двата тима. Кевин Дурент ги предводеше Санс со 31 поен и девет скока, користејќи ја средбата за да стане само осмиот играч во историјата на лигата со повеќе од 29.000 поени. Од друга страна, Лука Дончиќ беше најдобар поединец кај Далас. Словенечкиот ас натпреварот го заврши со 40 поени и десет скока.
Брилијантна партија одигра и Никола Јокиќ, но Денвер Нагерс го запиша и вториот пораз во сезоната. Овој пат подобри од Нагетси беа кошаркарите на Лос Анџелес Клиперс кои славеа со 104-109. Српскиот центар постигна 41 поен, со девет скока и четири асистенции, додека во победничкиот табор Норман Пауел заврши со 37 поени, а Зубац имаше 24.