Легализација чекаат 140.000 дивоградби

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ги повика пратениците да го одблокираат носењето на новиот Закон за бесправно изградените објекти. Новиот текст на законот, според информациите, има променето 12 члена кои беа спорни за експертите. Тие беа причина претседателот на државата Стево Пендаровски во мај минатата година да не го потпише указот со кој веќе донесениот закон требаше да стапи во сила.
„Тој веќе е во собраниска процедура, а ако Парламентот е подготвен да дебатираме, тука сме да ги отвориме сите прашања зашто законот е потребен и за националните и за општинските инфраструктурни проекти, но пред сè за граѓаните кои сакаат да ги стават во легална рамка своите објекти“, рече Бочварски.
Првиот Закон за легализација на дивоградбите беше донесен за време на владеењето на Никола Груевски и беше со времетраење од 10 години. Но, потоа владата на Заев реши да го продолжи рокот на важност. Планот е да важи за граѓаните кои имаат поднесено барање за легализација до 2018 година, а кои сè уште не успеале да ги легализираат објектите кои ги изградиле до 2011 година. Според информациите, останати сè уште 140 илјади нерешени предмети за што веќе се доставени барања за легализација до општините. Досега беа легализирани над 260 илјади објекти.
Иле Петревски