ВЕСТИЗДРАВСТВО

Лекарите од Клинички го одложија штрајкот

Штрајкот на лекарите поради несоодветно плаќање за работата што ја работат се одложува за неколку дена. По примерот на Клиниката за онкологија, каде дежурствата ќе бидат ретроактивно платени, низ Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ вработените се мобилизираа за штрајк. Но, министерот за здравство денеска се сретна со синдикалците и побара време да се обиде да им ги исполни барањата.

„Во разговор со претставниците на синдикатот на Клиничкиот центар се договоривме овој најавен штрајк да се одложи за две недели, во меѓувреме ќе комуницираме и со директорите на Фондот за здравство и со министерот за финансии бидејќи сега сме во фаза на преговори за обезбедување на буџетот за идната година за сите јавни здравствени установи“, вели министерот Сали.

Министерството за здравство ветува дека барањата на лекарите, медицинските сестри и немедицинскиот персонал ќе бидат процесирани во извршната власт и за нив да се најдат пари во буџетот за 2023 година. Од синдикатот велат дека прават компромис со времето поради пациентите и да не ја блокираат работата на клиниките, но сепак остануваат цврсти на своите барања, кои беа и предизборни ветувања на власта.

„По средбата со министерот за здравство, ќе следи и средба со премиерот Димитар Ковачевски. Не отстапуваме од нашето барање кое ни беше ветено за линеарно зголемување на платите за 2.850 денари. Не само тоа. Имаме и други барања поврзани со дежурствата, коефициент на плата и условите за работа“, наведуваат од Синдикатот на лекарите во Клинички.

Ваквата реакција на лекарите дојде во моментот кога министерот иницираше ревизии за да се види продуктивноста на медицинскиот персонал, каде има пропусти да има казнувања и каде има продуктивност да се размислува за зголемување на платите. Во контекст на штедењето, се разгледува можноста за целосно отпуштање на организационите директори во 28-те клиники во Центарот. Можно е да се врати системот со само медицински директор, бидејќи од платите на економските директори ќе се заштедат стотици илјади евра.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button