ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Летната сезоната привршува, плажите во Струга полупразни

Речиси празни се плажите во Струга среде август кога туристичката сезона полека почнува да привршува. Капачи има многу малку, иако температурата на водата е идеална за капење. Сопствениците на бизниси во градот велат дека оваа сезона во Струга била послаба од ланската.

Advertisements

„Со работа беше средно, да речеме супер не беше. Гости имавме од Малта, Турција, Холандија, Полска. Да не се печалбарите, Господ здравје да им даде, да не беа тие, тешко ќе беше. Има и бон-тон муштерии и бакшиш ти даваат, а има и такви кои прават и пазар“, вели Јахја Ате-локален продавач.

„Оваа година е некако слабо. Према други години е слабо. Дали луѓето повеќе одат на други места како Албанија и Турција, оваа година кај нас е послаба. Кога очекувавме ние дека најголемиот шпиц беше во средината на јули и август, ние гледаме дека се подолу и подолу е работата тоне. Не би рекол дека високите цени се причина бидеќи луѓето дали тука дали на друго место трошат пари. Мислам дека е во разновидноста на одморот. Кога на некој му нудите одмор со разновни содржини има да има повеќе успех. Јас мислам дека Струга треба да вложи повеќе“, вели Ненад Гучески- издавач на педалинки.

Сопствениците на кајчиња велат дека добра работа летово имале само неколку дена.

„Ова лето многу послабо беше од ланското, само седум до осум дена беа ефективни. Инаку минатата година подобро поминавме. Дали немаштија е, дали нема пари, не доаѓаат тие гости лани кои дојдоа. Цените се доста високи. Народот нема пари, 500 денари една лежалка со два кревети и чадор“, рече Мирко Кутаноски-сопственик на кајче.

Но, хотелиерите велат дека имаат добра сезона и оти нивните капацитети се сè уште солидно исполнети.

„Хотелите последните триесетина дена се пребукирани, гости од секаде има, а во однос на приватниот смештај оваа година има нешто помалку гости. Викендите се полни малку повеќе, а работните денови се помалку се полнат плажите…“, вели Крсте Блажески-менаџер на хотел.

Дел од печалбарите веќе си заминаа како оние кои живеат во САД, Германија и Швајцарија. Останати се уште оние од Италија. Најголемите гужви во Струга летово беа од 25 јули до 5 август, но и тогаш беше послабо од лани.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button