Летниот одмор годинава како песната – „Јас у Карпош на базен, а она у Шпанија…“
Летниот одмор годинава како песната – „Јас у Карпош на базен, а она у Шпанија...“

Летните одмори на морското крајбрежје годинава за многу граѓани ќе останат неостварена желба. Поради економската криза, граѓаните велат дека едвај успеваат да ги платат сметките и да купат основни производи.
„Не, не, не успеваме ни за леб, а не пак за да одиме на море. Стварно е катастрофа, навистина е тешко, што можеш да направиш со 200-300 евра. Сметките не стигнуваме да ги платиме, а не друго, покачени се цените, зејтинот, храната, а не пак море, воопшто не доаѓа предвид“, рече еден жител.
„Проблем е и оваа година и тоа многу, нема пари, луѓето немаат пари. Големо поскапување, ништо не може да се постигне“, рече еден друг жител.
„Годинава не ни помислуваме за море, вака како што е состојбата и егзистенцијата, ќе биде слабо, а не друго, морето го заборавивме. Станува полошо, земам 12.000 денари плата, за ништо не стасуваат“, рече еден жител.
Од туристичките агенции пак, велат дека интересот е сепак поголем во однос на последните две години. Турција и Албанија се најпосакуваните дестинации.
„Споредено со последните две години, оваа година има мало подобрување, побарувачката е малку поголема од другите години, што е малку изненадувачки. Што се однесува до побарувачката, најбараната дестинација е Турција, потоа Албанија и Црна Гора“, изјави Џемаледин Демири, менаџер на Туристичка агенција.
Во меѓувреме, оние кои годинава не можат да купат туристички аранжмани, избраа да ги посетат базените во земјава, кои нудат дневен престој и за само 150 денари.
„Кризата има мало влијание, но јас не ги сменив цените. Овој билет важи цел ден. Продолжуваме со овие цени за да им овозможиме на младите со малку пари да го поминат својот летен одмор“, се изјави за АлсатМ, Зеќир Идризи, Сопственик на базен.
Цените на аранжманите за турското и албанското крајбрежје годинава се движат од 250 евра за седум дена за едно лице, до супер-луксузните кои се 5.000 евра за едно лице за седум дена./Alsat.mk
Башким Сулејмани