
Од туристичкиот сектор во охридско-струшкиот регион се надеваат на добра летна сезона, иако не толку добра како пред пандемијата. Имено, 2019 година важи за најдобра досега по број на гости и остварени ноќевања. Сепак, после три години неизвесност поради ковид-пандемијата, а потоа и поради војната во Украина и поскапувањата, најавите сега се поинакви.
„…Радува што ќе има четири директни авио-летови од Белград. Дури и од Израел имаме најава, Полска, Холандија, Турција… Останува да се надеваме дека сè ќе биде во најдобар ред и оти нема да има тектонски промени на глобално ниво и дека ќе нè остават на мира да ја истуркаме сезоната како што треба“, нагласи Зоран Тунтев-туристички водич.
На почетокот на мај доаѓаат првите организирани групи со гости од Холандија. Ќе има седум авио-летови неделно.
„Очекувањата се доста поголеми од минатите две години. Конференцискиот дел кој е најголем сегмент од нашето работење, има пораст од 50%. Сите викенди се веќе полни сè до крајот на октомври“, изјави Филип Мишевски-генерален менаџер на хотели во Охрид.
Но, сепак кај туристичките работници има голема доза на внимателност поради случувањата во Украина.
„…Може да се случи некоја криза, дали воена, економска, да се зголемат трошоците, па да нема поѓање од одредена држава…“, рече Филип Мишевски-генерален менаџер на хотели во Охрид.
Хотелите на охридско-струшката ривиера неколку месеци во текот на зимата, ставија клуч на врата, поради високите сметки за електрична енергија. Вработените отидоа на принудни одмори или пак беа пуштени на 70 проценти од платата. Како што стојат работите велат, најверојатно поголемите хотелски капацитети, а ги има доста во регионот, ќе се сведат на сезонски, односно со работа од март до ноември. /Мики Трајковски