МАКЕДОНИЈА
Левица: Парламентарна и теренска поддршка за спроведување на референдумот

Опозициската партија Левица преку соопштение објави дека го поддржува барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдумско изјаснување во врска со Договорот за добрососедство со Бугарија. Во партиското соопштение меѓудругото се наведува:
„Договорот со Бугарија од 2017-та, потпишан од страна на корумпираниот квислинг Заев, е основата врз кој подоцна – преку капитулантскиот и недостоинствен т.н. француски предлог, преговаран од страна на петоколонашите Ковачевски, Маричиќ и Османи – беше октроиран од страна на официјален Брисел. Европската унија, позната по нејзината непринципиелност во случајот со Македонија, целосно ги занемери Копенхагенските критериуми, станувајќи спонзор на национал-шовинистичките претензии на соседна Бугарија, воскреснувајќи ги опасните ванчомихајловистички идеи и инкорпорирајќи ги истите како дел од преговарачката рамка со Унијата.
Сомнежот и претпазливоста кои се будат кај македонскиот народ во однос на намерите и искрените мотиви на иницијаторите на овој референдум се оправдани. Освен досегашниот политички багаж и историјат на соучесништво во спроведувањето на серија антимакедонски политички процеси – какви што се срамните примери со Охридскиот и со Преспанскиот договор – зачудува фактот зошто е одлучено на Референдумот да се гласа „ЗА“, наместо „ПРОТИВ“ – следејќи го духот на Јулските простести против бугаризацијата на Македонците!? Левица смета дека е тактички погрешно вака формулираното референдумско прашање, бидејќи истото го руши природниот континуитет меѓу најмасовните антивладини протести и самото народно изјаснување.
Со оглед на интригите, притисоците и нелегитимноста на власта, како и проблематичниот Избирачки список, упатуваме јавно предупредување дека евентуалниот неповолен епилог од референдумот (немањето цензус) не смее да послужи како алиби за идната власт – затоа што екстремно штетниот Договор со Бугарија, кој директно задира во македонскиот јазик и идентитет, може да биде суспендиран со просто мнозинство во Собранието! Оттука, неговото целосно укинување за нас е прашање на принцип и највисок јавен интерес, и ова ќе биде наш услов за евентуална поддршка на идната Влада, по следните парламентарни избори – без оглед дали тие ќе бидат редовни или вонредни.
Оттука, го повикуваме македонскиот народ да ги надмине постоечките несогласувања и да не потпаѓа под влијание на неговите странски негатори и домашни непријатели. Во овој критичен историски момент не смееме да дозволиме да бидеме поделени по линија на ситните разлики, а во корист на нивните крупни намери за бугаризација и наша системска асимилација, преку методот на историски ревизионизам и сеење туѓи великобугарски пропаганди“, велат од Левица.