Лидерска: Власта ќе предложи рамка за соработка со опозицијата
Лидерска: Власта ќе предложи рамка за соработка со опозицијата

На лидерската средба во понеделник се очекува да се дефинира рамка за соработка меѓу Владата и Собранието за евроинтеграциите, на предлог на Секретаријатот за европски прашања. Од Кабинетот на вицепремиерот Бојан Маричиќ не откриваат какви ќе бидат прашањата што ќе ги предложат во рамката, но велат дека е важна соработката со опозицијата.
„Дефинирање на улогата на Собранието во пристапните преговори, врз основа на меѓусебно договорен акт го предвидовме уште при креирањето на преговарачката структура, бидејќи активноста на законодавниот дом и неговите тела, пред сè Комисијата за европски прашања и Националниот совет за европска интеграција, ќе биде клучно во процесот на евроинтеграција.
Активноста на Собранието несомнено ќе зависи и од улогата на опозицијата како дел од Собранието, вклучително и потенцијалот на политичките партии со кои тие би сакале да придонесат во забрзување на процесот на пристапни преговори“, велат од Секретаријат за европски прашања.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека иницијативата за координација власт-опозиција е задоцнета.
Сепак, СДСМ се надева на поддршка и постигнување консензус.
Соработка меѓу сите политички актери и консензус меѓу власта и опозицијата побара и амбасадорот на Европската унија, Дејвид Гир./Alsat.mk
Фатлуме Дервиши