
Средбата на лидерите на парламентарните партии заврши без заклучоци и без договор за ниту едно од прашањата што беа ставени на маса. Шефот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека фокусот на власта биле уставните измени и оти биле избегнувани темите на реалните проблеми на граѓаните, како што е економската криза.
Секоја идна средба на која ќе се разговара за уставни измени би била залудна, рече Мицкоски.
Во меѓувреме, Алијанса за Албанците ја потврди својата поддршка за уставните измени. Нејзиниот шеф
Арбен Таравари изјави дека во овој случај треба да се разгледа и можноста за бришење на терминот „20 отсто“, но тој не нагласи дали е тоа барање или услов од нивна страна.
„Разговаравме за тоа. Го отворив како проблем и никој не се противеше. Така мислат сите албански партии, но и македонските партии, барем најголемите, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Јавно кажаа дека ништо не ги спречува да се тргне терминот ‘20%’. Се надевам дека ќе се изгласа. Не се сомневам дека ќе се изгласа“, рече Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците.
Но, уставните измени не ги поддржува пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кој на средбата предложил да се донесе заклучок со кој се бара Бугарија да го признае македонското малцинство. Но, неговиот предлог не беше прифатен од останатите партии од власта.
Премиерот Ковачевски изјави дека самата средба била позитивен чекор и оти секој лидер може да ја толкува на свој начин.
Шефот на ДУИ, Ахмети рече дека не треба да се занемаруваат разликите. И двајцата повикаа на поддршка во процесот на европска интеграција./Alsat.mk
Фатулме Дервиши